Tarek Chouiref,Awad Rjoob
18 Февруари 2026•Ажурирај: 19 Февруари 2026
РАМАЛА (АА) - Израел издаде налог за одземање на земјиште со површина од два квадратни километри во северниот дел од окупираниот Западен Брег, вклучително и значајно археолошко наоѓалиште во близина на градот Себастија, изјави вчера палестински претставник, пренесува Анадолу.
Муајад Шабан, раководител на Палестинската комисија против колонизацијата и Sидот, изјави дека наредбата за експропријација се однесува на земјиште што им припаѓа на градовите Себастија и Бурка во областа Наблус. Тој ја опиша мерката како директно продолжение на претходното известување издадено на 18 јануари 2025 година.
Шабан изјави дека одлуката е одраз на пошироката политика на користење правни и административни алатки во насока на остварување на целите поврзани со населбите, додавајќи дека земјиштето ќе им биде доделено исклучително на илегалните израелски доселеници.
Тој предупреди дека налогот го опфаќа и археолошкиот локалитет и околните земјоделски површини, вклучително и маслинови насади во сопственост на палестински жители, со што ефективно се проширува израелската контрола врз областа.
Античкиот град Себастија, кој се наоѓа покрај главниот пат меѓу Наблус и Џенин, зафаќа површина од 4,7 квадратни километри. Според палестинското Министерство за туризам, локалитетот датира од бронзено време и содржи остатоци од повеќе цивилизации, меѓу кои хананската, римската, византиската, феникиската и исламската.
Во ноември минатата година израелскиот дневен весник „Хаарец“ објави дека Израелската цивилна администрација се подготвува да експроприра приватно земјиште во областа за развој на локалитетот Себастија, вклучително и пространите маслинови насади во сопственост на Палестинци.
Претходно овој месец израелската Влада усвои дополнителни мерки со кои се прошируваат овластувањата за делови од Западниот Брег управувани од Палестинската управа, повикувајќи се на прекршоци поврзани со градба, вода и културно наследство.
Во јули 2024 година израелскиот Парламент при прво читање го одобри предлог-законот со кој се бара примена на израелскиот Закон за антиквитети на Западниот Брег и овластување на израелската Управа за антиквитети да дејствува таму.
Нова верзија на предлог-законот беше претставена во декември минатата година, чија цел е проширување на израелската надлежност врз културните локалитети на Западниот Брег, со намера да ги опфати и Областите А и Б, каде што Палестинската управа има цивилна контрола.
Израел го засили дејствувањето на Западниот Брег, вклучително и во Источен Ерусалим, по започнувањето на воената кампања во Газа на 8 октомври 2023 година. Палестинците ја гледаат ескалацијата – убиствата, апсењата, раселувањето и проширувањето на населбите – како чекор кон официјална анексија на територијата.
Во јули 2024 година Меѓународниот суд на правдата наложи дека израелската окупација на палестинските територии е нелегална и повика на евакуација на сите израелски населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.