Faruk Zorlu
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Најмалку 27 лица се приведени во демонстрациите против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Полицијата соопшти дека протестите се случиле на плоштадот „Париз“ во близина на резиденцијата на Нетанјаху во Западен Ерусалим и дека предизвикале затворање на патиштата и општи немири.
Демонстрантите организираа протести во различни делови на земјата, меѓу кои и во Ерусалим и Тел Авив, барајќи оставка од Нетанјаху поради случајот за корупција против него и поради неговиот неуспех да се справи со епидемијата на коронавирусот.
Илјадници луѓе демонстрираа во Ерусалим, а полицијата повремено интервенираше.
Во Тел Авив почина 82-годишен демонстрант откако бил удрен од автомобил за време на демонстрациите.
Медиумите јавија дека загинатиот, Дрор Софер, бил татко на извршниот директор на Фејсбук за Израел, Ади Софер-Тени.
Нетанјаху се соочува со обвиненија за корупција, изневерување на довербата и за измама.
Тој ги негираше обвиненијата и во април формираше Влада на национално единство со водачот на партијата Сино и бело, Бени Ганц.