Mohamed Majed
19 Јуни 2024•Ажурирај: 20 Јуни 2024
ГАЗА (АА) - Неколку Палестинци загинаа и се повредени, меѓу кои и жени и деца, во израелските воздушни напади врз бегалските кампови во градот Рафа и други области на Појасот Газа денес, на четвртиот ден од Курбан бајрам, јавува Анадолу.
„Во израелското гранатирање на шаторите на раселените лица во областа Ал Маваси западно од градот Рафа убиени се петмина Палестинци“, изјавија за Анадолу медицинските работници.
Очевидци изјавија дека израелската Армија бомбардирала и уништила десетици куќи во саудискиот кварт западно од Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.
Израелската артилерија и авиони продолжија со нападите врз неколку области во Рафа, особено населбата Тел Султан западно од градот.
Израелските тенкови се стационирани покрај коридорот Филаделфија, граничната зона меѓу Рафа и Египет, и во сите области јужно од градот, вклучително и поголемиот дел од неговите источни, централни и западни области.
Во централниот дел на Појасот Газа, според очевидци, израелската артилерија и воени авиони гаѓале различни подрачја северно од бегалскиот камп Нусејрат, што резултираше со жртви префрлени во болницата Ал-Авда во центарот на Газа.
Израелските беспилотни летала интензивно гаѓаа цивилни домови северозападно од Нусејрат.
Дописникот на Анадолу од градот Газа јави дека израелската артилерија ги гаѓала источните области на квартот Ал-Зејтун во југоисточниот дел на градот, предизвикувајќи штета на куќите, од кои некои се запалиле.
Во нападите на израелската Армија врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, загинаа повеќе од 37.300 Палестинци, а повеќе од 85.400 се ранети.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред копнената офанзива врз градот на 6 мај.