Ahmed Asmar
16 Мај 2024•Ажурирај: 17 Мај 2024
ГАЗА (АА) - Израелска крајно десничарска група денес се закани дека ќе продолжи да ја блокира испораката на хуманитарна помош во опколениот Појас Газа, пренесува Анадолу
Движењето „Цав 9“ (Tzav 9) соопшти дека нема да дозволи влез на хуманитарна помош во палестинската енклава сѐ додека не се вратат Израелците кои ги држи Хамас.
„Ќе се вратиме следната недела за да спречиме камионите со помош да стигнат до Хамас“, соопшти десничарската група.
Како што јави израелскиот јавен сервис КАН, групата ќе ги прекине своите протести до понатамошно известување по насилните напади врз камионите со хуманитарна помош што беа на пат кон Појасот Газа.
Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во нападите на Израел врз Појасот Газа загинати се повеќе од 35.270 Палестинци, главно деца и жени, а над 79.200 се повредени.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад. По повеќе од седум месеци од почетокот на израелската офанзива огромни делови на Појасот Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на палестинската енклава се внатрешно раселени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.