Turgut Alp Boyraz
17 Јули 2017•Ажурирај: 17 Јули 2017
ЕРУСАЛИМ (AA) - Израелските безбедносни сили после четири дена ја укинаа забраната за влез во Стари Град во Источен Ерусалим, сепак силните тенции во тој регион сеуште траат, јавува Anadolu Agency (AA).
Во сенка на војните и кризите на Блискиот Исток, властите на Израел веќе четири дена го држат под потполна блокада Стариот Град во Ерусалим, во којшто се наоѓа комплексот Ал Акса.
Израелските безбедносни сили во петокот наутро ги блокираа сите влезови во старото јадро на градот во Источен Ерусалим и дозволуваат движење исклучиво на жителите, а не и на посетителите од другите градови и пошироко.
Токму како што во петок без најава ги блокираше влезовите, денеска попладне израелската полиција дозволи влез и излез од Стариот град во кој се наоѓа и комплексот Ал Акса.
И локалното муслиманско население од петокот до вчера не можеше да влезе во комплексот Ал Акса, а израелските сили вчера и на влезовите во комплексот поставија дополнителни контролни пунктови со детектори за метал. Локалните Палестинци протестираат поради тоа и одбиваат да влезат во комплексот, а молитвите ги извршуваат пред комплексот.
Од друга страна, израелската полиција без какви било промени и понатаму во комплексот Ал Акса ги пушта групите еврејски доселеници.
Тензиите што моментално се присутни во Ерусалим го достигнуваат највисокото ниво во изминатите пет децении на израелската окупација на Ерусалим.
Палестинското население, кое е загрозено од потезите на израелските власти, и овој пат е разочарано од изостанувањето на реакции и внимание од меѓународната заедница.