Ikrame Imane Kouachi
09 Март 2025•Ажурирај: 10 Март 2025
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелските медиуми денес објавија дека има напредок во преговорите меѓу американската администрација и палестинската група Хамас во врска со ослободувањето на израелските заложници од Газа, пренесува Анадолу.
Израелскиот јавен сервис КАН објави дека има напредок во преговорите меѓу американскиот претставник Адам Болер и лидерот на Хамас, Халил ал-Хаја.
Нема непосредна потврда од Хамас или Вашингтон за наводите.
Американскиот медиум „Аксиос“ во средата објави дека администрацијата на Доналд Трамп одржува директни преговори со Хамас за ослободување на израелските заложници кои имаат американско државјанство.
Напредокот доаѓа откако Израел одлучи да испрати делегација во Катар во понеделник за да ги продолжи преговорите за прекинот на огнот во Газа.
Во меѓувреме, американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, треба да го посети регионот во вторник со цел да изврши притисок за продолжување на првата фаза од договорот за прекин на огнот со Хамас, соопшти КАН.
Израел смета дека уште 59 заложници се држат во Газа, и дека најмалку 22 од нив се живи. Се очекува тие да бидат ослободени во втората фаза од договорот за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници, со кој се бара Израел целосно да ги повлече своите сили од Газа и трајно да ја заврши војната.
Договорот за прекин на огнот е во сила од јануари, запирајќи ја геноцидната војна на Израел врз Газа, во која се убиени над 48.400 Палестинци, главно жени и деца, и која ја остави енклавата во урнатини.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.