Ikrame Imane Kouachi
12 Октомври 2023•Ажурирај: 13 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Израелската војска денес бомбардираше палестински домови во бегалските кампови „Ал Шати“ и „Џабалија“, при што загинаа и повредени се десетици Палестинци, јавува Анадолу.
Израелските авиони продолжија да ги бомбардираат палестинските згради, домови и објекти во сите подрачја на Појасот Газа, јави дописникот на Анадолу.
Според јавувањата, засилени се бомбардирањата врз бегалските кампови „Ал Шати“ и „Џабалија“ од страна на израелските сили, во кои загинаа и се повредени десетици Палестинци.
Во драматичната ескалација на тензиите на Блискиот Исток, израелските сили започнаа непрекината и силна воена кампања против Појасот Газа како одговор на воената офанзива на палестинската група на отпорот Хамас на територијата на Израел.
Судирот започна кога военото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, во саботата наутро започна сеопфатна операција наречена „Поплава Акса“. Илјадници ракети беа истрелани од Газа кон Израел, а вооружени групи влегоа во населбите во регионот.
Групата соопшти дека операцијата е одговор на израелските напади во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголемените насилства од доселениците.
Израелската војска во знак на одмазда ја започна операцијата „Железни мечеви“ против Хамас во Појасот Газа.
Тој одговор беше проширен на прекинување на водата и електричната енергија, како и на дотурот на храна и гориво за Газа, во рамките на најавената „целосна опсада“, што наметнува дополнително влошување на условите за живот во подрачјето кое е под строга опсада од 2007 година.