Dildar Baykan
11 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Околу 6.300 аракански муслимани кои избегаа од нападите на мјанмарската војска и од будистичките фанатици, од 25 август, со денови чекаат во „неутралната зона“ на границата со Бангладеш, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на весникот „The Dailystar“ (Дејлистар), околу 6.300 аракански муслимани, претежно деца и жени, од 27 август чекаат на неутралната зона Наикхјангчари, на границата со Бангладеш.
Дел од медицинските и хуманитарните потреби на араканските муслимани кои пристигнаа во Наикхјангчари бегајќи од различни села во областа Мунгдау, изложени на напади од страна на војската и будистичките фанатици, се обезбедени од страна на Граничната гарда на Бангладеш (БГБ).
Според соопштението, на араканските муслимани им е дозволено да патуваат до градот Тамбру Базар, за да ги набават нештата што им се потребни, но тие потоа треба да се вратат во оваа зона.
„Не дојдовме тука за да останеме засекогаш. Ако Владата на Мјанмар ни даде статус на државјани, ќе се вратиме во нашата земја“, истакна Кабир Ахмед, кој дошол од областа Панирчара во Мундау.
Араканските муслимани велат дека мјанмарската Влада поставила мини долж границата со Бангладеш, и оти голем број лица изгубиле екстремитети од мините.
Ариф Ахмед раскажа за случајот кога неговиот сосед, 45-годишниот Сабикунахар, ги загуби двете нозе згазнувајќи на мина при преминувањето на границата во почетокот на септември. „Тој не знаеше дека на граничната зона се поставени мини. Еден месец се лекуваше во болница во градот Читагонг во Бангладеш. Пред неколку дена пристигна во неутралната зона“.
Исто така, Нурул Амин пренесе дека на 27 август пристигнале во Наикхјангчари заедно со пет членови на неговото семејство. „Не сакаме веќе да престојуваме во неутралната зона. Сакаме да одиме во камповите (во Кокс Базар). Мјанмарската војска поставува мини на граничната зона. Мојот десетгодишен син беше тешко повреден кога згазна на мина при преминувањето на границата. Сѐ уште не е излечен“, додаде Амин.