Zehra Ulucak
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
АНКАРА
Монсунските дождови кои се активни во Индија уште од месец јуни, досега одзедоа 1.600 животи, јавува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Хиндустан тајмс“ (Hindustan Times) објави вест во која се наведува дека според државните податоци, оваа година земјата е погодена од најинтензивните монсунски дождови во последните 25 години, информирајќи дека во поплавите и несреќите предизвикани од овие дождови, заклучно со 29 септември, во земјата животот го загубиле 1.673 лица.
Според податоците, во монсунскиот период кои традиционално трае од јуни до септември, оваа година имало за 10% повеќе врнежи од дожд од просекот во последните 50 години.
Најголем број смртни случаи во 2019 година предизвикани од врнежи поврзани со монсунските дождови се забележани во сојузната држава Махараштра, 371 случај, главно предизвикани од поројните дождови и поплавите кои довеле до уривање на ѕидови од куќи и згради.
Од друга страна, официјалните власти соопштија дека најпогодени од врнежите од дожд се државите Утар Прадеш и Бихар, каде што од петокот досега, поројните врнежи од дожд предизвикаа поплави и несреќни случаи во кои загинале 144 лица.
Во Јужна Азија, во периодот јуни - септември активни се монсунските дождови, кои секоја година предизвикуваат разорни природни катастрофи и несреќи.