Ekipa
08 Септември 2022•Ажурирај: 13 Септември 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Одлуката на Албанија да ги прекине дипломатските односи со Техеран, Иран ја нарече „непромислена“, негирајќи вмешаност во кибернападот врз дигиталната инфраструктура на албанската Влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Насер Канани, одлуката на албанската Влада во соопштение ја нарече „кусогледа во меѓународните односи“.
Соопштението следуваше откако Албанија во средата објави дека ги прекинува дипломатските односи со Иран како одговор на кибернападите што беа извршени на веб-страницата на Владата на таа земја во јули оваа година, а одлуката во средата на социјалните мрежи ја потврди и премиерот Еди Рама.
„Опсежната истрага обезбеди непобитни докази дека киберагресијата врз земјата била оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран“, рече Рама во видеопораката.
Потсети дека Албанија на 15 јули беше цел на „тежок кибернапад чија цел беше уништување на дигиталната инфраструктура на Владата на Албанија и парализирање на јавните услуги, како и кражба на податоци и електронски комуникации од владините системи“.
„Нападот не ја постигна својата цел. Во споредба со целите на агресорите, штетата може да се смета за мала. Сите системи се вратени во функција и ништо не е неповратно изгубено“, рече албанскиот премиер.
Рама додаде дека Советот на министри на Албанија веднаш донел одлука за прекин на дипломатските односи со Иран. Одлуката е соопштена со дипломатска нота до Амбасадата на Исламската Република Иран, од која било побарано „сиот дипломатски, техничко-административен и безбедносен персонал да ја напушти територијата на Република Албанија во рок од 24 часа“.
Соединетите Американски Држави (САД), исто така, „силно“ го осудија наводниот кибернапад на Иран врз нивниот сојузник во НАТО, Албанија, нагласувајќи дека ќе преземат „понатамошни активности за да го повикаат Иран на одговорност“.