Emre Gürkan Abay
09 Јануари 2020•Ажурирај: 10 Јануари 2020
КИЕВ (АА) - Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Алексеј Данилов, рече дека главните причини за несреќата на авионот во Иран може да бидат ракетен напад, откажување на моторот или терористички напад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Данилов, во изјавата за интернет-порталот „Censor.NET“ со седиште во Украина се осврна на падот на украинскиот патнички авион „Boeing 737“ во Иран.
Данилов истакна дека со инструкциите на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, основана е комисија која заминала за Техеран за да ја истражи несреќата.
„Во комисијата има 45 лица од Министерството и други релевантни институции и тие водат разговори со иранските власти“, нагласи Данилов.
Данилов, посочувајќи дека се оценуваат различните сценарија во врска со падот на авионот, рече: „Меѓу овие сценарија се наоѓаат и тие дека авионот паднал како резултат на ракетниот систем за противвоздушна одбрана „Тор“ со потекло од Русија, кој се наоѓа во областа, и експлозија внатре во авионот како резултат на терористички акт. Другите сценарија се експлозија на моторот поради технички причини и судир на авионот со некое беспилотно летало.“
Претходно беше соопштено дека патничкиот авион од типот „Boeing 737“, кој полетал од аеродромот „Имам Хомеини“ во Техеран кон Киев, кусо по полетувањето се урнал недалеку од аеродромот во 06:18 часот по локално време поради технички проблем. Нема преживеани меѓу 176-те патници и членови на екипажот што се наоѓале во авионот.