31 Октомври 2016•Ажурирај: 01 Ноември 2016
НОРЧА (АА) - Италијанската Влада вети денеска дека ќе обезбеди привремено сместување за над 15.000 луѓе кои побарале помош од Агенцијата за цивилна заштита по силниот земјотрес, кој вчера го погоди Апенинскиот Полуостровот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претставници од Агенцијата за цивилна заштита во понеделникот објавија дека очекуваат тој број да се зголеми, бидејќи тој не опфаќа многумина ки спиеле во автомобили, шатори, на отворено или се снашле на друг начин, што веројатно ќе побараат помош. Температурите во текот на ноќта беа под нулата, а од Цивилна заштита изразија загриженост за многу стари лица кои живеат во планинските региони
"Не можеме да имаме шатори за неколку месеци во планините, под снег. Има доволно хотели за сите. Но многу од нашите сограѓани не сакаат да ги напуштат своите огништа, дури ни на неколку недели", рече италијанскиот премиер Матео Ренци.
Вчерашниот земјотрес со магнитуда од 6.5 степени по Рихтер, беше најсилен во изминатите 36 години, не зеде човечки жртви, но предизвика огромна материјална штета.
Најтешко е погоден италијанскиот древен град Норча, во регионот Перуџа, каде што се урна една од најпознатите градби, катедралата Свети Бенедикт изградена во 14. век. Во земјотресот е оштетена и средновековната црква Санта Марија.
Во овој град пожарникарите рано утрово се подготвуваа луѓето да ги вратат во своите домови за да ги земат своите лични работи. И во текот на ноќта се регистрирани најмалку два земјотреса со јачина од четири степени според Рихтеровата скала.
Неколку објекти се срушени и во градовите Кастелсантанџело, Преџи, Усита и Аркета. Тамошните градоначалници тврдат дека жителите од страв не влегуваат во своите домови.
Потресот се почувствувал и во Рим каде што властите го затворија метрото додека се чека стручното мислење за постоење на евентуални безбедносни ризици.