Barış Seçkin
23 Октомври 2022•Ажурирај: 30 Октомври 2022
РИМ (АА) - Во римската палата Чиги, седиштето на Владата на Италија, денес се одржа церемонија на која новата премиерка Џорџа Мелони и формално ја презеде должноста од својот претходник Марио Драги, известува Агенција Анадолија (АА).
Лидерката на радикалната десница и прва премиерка во историјата на Италија, Мелони, вчера со својот кабинет положи свечена заклетва пред претседателот на државата Серџо Матарела, а денес со министрите пристигна во седиштето на Владата, каде прво разговараше со премиерот во заминување Драги.
Мелони и Драги потоа застанаа пред камерите и ја изведоа традиционалната церемонија на предавање на ѕвоното, што е симбол на примопредавање.
Премиерката неколкупати заѕвони, повикувајќи ги новите членови на десничарската коалициска Влада на првата седница и го испрати премиерот во заминување.
Драги по 20-месечен мандат го напушти седиштето на Владата и тоа со аплауз и овации од тамошните службеници.
Двата Дома на италијанскиот Парламент би требало во наредните недели да ја изгласаат довербата на новата Влада на премиерката Мелони, чија коалиција има мнозинство во двата Дома.