Marc Douglas Chenault,Ekip
23 Октомври 2022•Ажурирај: 24 Октомври 2022
ДАКА (АА) - Метеоролошкиот завод на Бангладеш издаде предупредување дека силниот циклон Ситранг се движи кон проблематичните региони и дека на копното ќе пристигне најверојатно во вторник, известува Агенција Анадолија (АА).
Според посебниот метеоролошки билтен што утрово е објавен, депресијата над источно-централниот залив и соседното подрачје се сменила благо кон северозапад и се засилила во длабока депресија.
„Морето ќе остане немирно во близина на центарот на длабока депресија поради сѐ поголемата брзина на ветрот“, се наведува во билтенот, што предизвика страв меѓу милиони луѓе во регионот што речиси секоја година се соочува со природни катастрофи.
Предупредувајќи на периферните ефекти на циклонот, надлежните власти на Бангладеш исто така советуваа максимална претпазливост за поморските пристаништа во јужен Читагонг, Кокс Базар, Монглa и Пајрa.
Низинските подрачја на крајбрежниот округ веројатно ќе бидат поплавени со плима од 1,5 метри, предизвикана од ветрот.
„Сега минуваме низ многу критичен период поради растот на цените на сите стоки. Нашите приходи во моментов се многу ниски. Во вакви околности, секоја голема природна катастрофа за нас е како посмртно ѕвоно“, рече за АА Мохамед Торикул Ислам, рибар во оддалеченото подрачје на округот Баргун.
Во меѓувреме, власта презема мерки на претпазливост за да ги заштити луѓето од катастрофа.
„Ги преземаме сите можни чекори да се соочиме со циклонот. Нашите центри за циклони, задно со волонтерите, подготвени се да помогнат и да ги евакуираат луѓето во засолништа“, изјави за АА заменик-комесарот на округот Патуахали, Мохамед Камал Хусеин.
Бангладеш, со популација од околу 170 милиони жители, е една од климатски најранливите земји на светот подложни на катастрофи.
Циклонот Амфан во 2020 година усмрти 31 лице и уништи големи делови од земјоделското земјиште во 19 крајбрежни подрачја на Бангладеш.
Според достапните медиумски извештаи, власта во соседна Индија исто така дала предупредување за надоаѓачката бура.