Hakan Çopur
10 Септември 2025•Ажурирај: 11 Септември 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешната потпретседателка и поранешна претседателска кандидатка Камала Харис ја опиша како „непромислена“ одлуката на поранешниот претседател Џо Бајден да се кандидира против Доналд Трамп на претседателските избори во 2024 година, известува Анадолу.
Харис, поранешната потпретседателка и претседателска кандидатка на демократите, која загуби од Трамп на последните претседателски избори, во својата книга што треба наскоро да излезе од печат ја критикуваше одлуката на Бајден да се кандидира.
Списанието „Атлантик“ објави резиме на дел од книгата „107 дена“ на Харис, во која таа ги раскажува настаните од нејзината кандидатура и изборниот процес.
Во објавените извадоци, Харис ја опишува како „непромислена“ одлуката на Бајден да се кандидира за претседател во 2024 година против Трамп.
„Од сите луѓе во Белата куќа, јас бев онаа во најлоша позиција која се залагаше за негово повлекување од кандидатурата. Знаев дека ако го советувам да не се кандидира, тоа ќе биде сфатено како неверојатно себично“, вели Харис во книгата.
По убедливиот пораз од Трамп, Харис го коментираше со следните зборови процесот на кандидатура:
„Тоа беше одлука на Џо и Џил. Сите ја повторивме, како да сме хипнотизирани. Дали таа одлука беше љубезност или непромисленост? Гледајќи наназад, мислам дека беше непромисленост. Влоговите беа превисоки. Ова беше избор што не требаше да се остави на егото на една личност, на амбицијата на една личност. Мораше да биде повеќе од само лична одлука.“
Минатиот месец, Харис објави дека ќе започне турнеја низ 15 градови, вклучувајќи ги и земјите Велика Британија и Канада, за да ја промовира својата книга „107 дена“.
Се очекува книгата на Харис, што ја опишува нејзината претседателска кандидатура, да излезе од печат на 23 септември.