Ekip
22 Ноември 2023•Ажурирај: 22 Ноември 2023
ДОХА (АА) - Катар денес изрази надеж дека договорот за хуманитарната пауза во Појасот Газа ќе доведе до сериозни мировни преговори, пренесува Анадолу.
„Им благодариме на нашите партнери што придонесоа за постигнување на договорот за хуманитарна пауза во Газа, особено на Соединетите Американски Држави (САД) и Египет. Се надеваме дека ќе се воспостави сеопфатен и одржлив договор што ќе стави крај на војната и крвопролевањето“, рече премиерот Мохамед Абдулрахман на социјалната мрежа Х.
Тој изјави дека официјална Доха се надева оти паузата „ќе доведе до сериозни разговори за сеопфатен и праведен мировен процес во согласност со меѓународните резолуции за легитимитет“.
Израелската Влада рано утринава се согласи на договор за размена на затвореници со палестинската група Хамас.
Според договорот, 50 Израелци кои ги држи Хамас ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници во израелските затвори, објавија израелските медиуми.
Договорот вклучува и четиридневна пауза во борбите и влез на 300 камиони натоварени со хуманитарна помош, вклучително и гориво, во Појасот Газа.