Emre Aytekin
04 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја го сменија министерот за внатрешни работи и највисоките воени официјални претставници на земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Промената на клучните функции во секторот за одбрана е извршена во пресрет на претстојниот самит меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и американскиот претседател Доналд Трамп, кои ќе се состанат на 12 јуни во Сингапур.
Повикувајќи се на разузнавачки извори, јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ (Jopnhap) јавува дека севернокорејскиот министер за одбрана, Пак Јонг Сик, е разрешен од должност, а на негово место е поставен неговиот заменик, Но Кванг Чол.
Истиот извор јавува дека на местото на досегашниот началник на Генералштабот на севернокорејската армија, Ри Мјонг Суа, е именуван неговиот заменик, Ри Јонг Гил.
Паралелно со тоа, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го разреши од должност и шефот на Политбирото на Народната армија на Кореја, генералот Ким Су Гил, а на негово место е поставен генералот Ким Џонг Гак.
Смените на чело на одбранбениот сектор на Северна Кореја се третираат како продолжение на дипломатското отворање на таа земја, кое официјално започна со состанокот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун со јужнокорејските и кинески лидери.
Сменетите воени челници се сметаа за тврда линија на севернокорејскиот режим, а новоименуваните се наметнуваат како кадар способен за дијалог и постигнување компромис.