Elvır Hodzıc
08 Април 2023•Ажурирај: 11 Април 2023
ПЕКИНГ (АА) - Кинеската Армија утрово започна тродневна воена вежба во Тајванскиот Теснец, со што Пекинг сака да упати предупредување до тајванските власти кои се борат за независност на островот, пренесува Анадолу.
Вежбата утрово ја започна кинески воен брод во Тајванскиот Теснец. Станува збор за амфибиски борбен брод од кој се испукани неколку гранати во подрачјето на заливот Луојан на брегот на покраината Фуѓен, околу 50 километри северозападно од островот Матсу во близина на копното под контрола на Тајван.
Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека 8 кинески бродови и 42 авиони ја минале средината на Тајванскиот Теснец ова утро.
Кина гледа на Тајван како на своја територија и никогаш не се одрекна од аспирациите да го стави овој остров под своја контрола. Тајванската Влада остро се противи на тоа.
Планирани се и вежби северно, јужно и источно од островот Тајван.
Вежбите уследија откако тајванската претседателка, Цај Инг-вен, се сретна со претседателот на Застапничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Меккарти.