Elena Teslova
10 Април 2025•Ажурирај: 10 Април 2025
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека на разговорите помеѓу Русија и САД, што се одржаа во Истанбул, фокусот бил исклучиво на нормализирање на работата од дипломатските мисии и не се дискутирало за решавање на конфликтот во Украина, јавува Анадолу.
„Станува збор за преговори меѓу Министерството за надворешни работи на Русија и Стејт департментот на САД, чија цел е регулирање и нормализирање на билатералните односи“, изјави Песков на прес-конференцијата во Москва.
Ова беше втора рунда разговори меѓу двете страни, што започнаа утрово во Истанбул, и досега траеле повеќе од три часа.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, во вторникот изјави дека средбата била со цел „да се стабилизира работата на дипломатските мисии на двете земји“.
Разговорите се одржуваат во резиденцијата на рускиот генералeн конзул во Истанбул и се очекува да траат неколку часа, но не толку долго како првата рунда, која траеше повеќе од шест часа.
Руската делегација ја предводи амбасадорот на Русија во САД, Александар Дарчиев, додека американската делегација ја предводи заменик-помошничката државна секретарка, Соната Колтер.
Дарчиев претходно изјави дека веќе е постигнат одреден напредок во врска со неколку прашања.