Tayfun Salcı,İnci Gündağ
25 Јули 2017•Ажурирај: 26 Јули 2017
ЛОНДОН (АА) - Крис Дојл, директор на Советот за арапско-британско разбирање (CAABU), изјави дека меѓународната заедница треба брзо да тргне во акција, на начин што ќе донесе резултат, во врска со кршењата на правата од страна на Израел во џамијата Ал Акса, јавува Anadolu Agency (AA).
Во врска со развојот на настаните во подрачјето, во разговор за Anadolu Agency (AA) Дојл, истакна дека кризата околу Ал Акса подолг период е подготвувана од страна на Израел.
„Ова е обид со којшто Израел сака да воспостави поширока контрола врз палестинските свети места што се под израелска окупација, вклучувајќи го и Источен Ерусалим“, рече Дојл.
Тој истакна дека детекторите за метал се предвесник на нешто многу полошо, додавајќи дека видел како израелската екстремна десница се обидува да ја преземе џамијата Харем-и Шериф. Дојл истакна дека планот за населување на Ерусалим и рекордното зголемување на бројот на урнати домови ја загрозува можноста за опстанок на Палестинците во градот.
„Меѓународната заедница треба брзо да тргне во акција на начин што ќе донесе резултат, и да го згасне огнот додека сѐ уште не се распламтил“, рече Дојл. „Нема да биде доволно само да се сочува статусот на Ал Акса. Проблемот со Ерусалим треба да се реши на начин што ќе ги задоволи потребите на Палестинците и ќе се признат нивните права“, додаде тој.
- Од 2003 година досега, во Палестина воопшто нема подобрување
Дејвид Ватсон, радиоводител и активист на Лабуристичката партија во Англија, посочи кон нерамнотежета на силите во поглед на израелските безбедносни сили и палестинскиот народ.
„Од една страна, ги имаме Израелците, кои се опремени со софистицирано оружје, а од друга страна Палестинците, кои протестираат против окупаторските сили и доколку успеат да се спасат од нивните куршуми, биваат приведувани, влечени по улиците од страна на израелските полициски сили“, истакна Ватсон.
Тој рече дека и самиот бил на Западниот Брег во 2003 година, кога започна Втората интифада на Палестинците по влегувањето на израелскиот премиер Ариел Шарон во Ал Акса.
„Шарон, кој е познат по масакрите врз Палестинците, со посетата на Ал Акса, во која насилно влезе со израелската војска и полицијата, отвори пат за протести. Егзекуции, уривање куќи, уништување земјоделски насади, самоволни приведувања беа дел од секојдневието на Палестинците“, изјави Ватсон.
Тој истакна дека со текот на времето, воопшто не е подобрена состојбата на Палестинците, „Но по 14 години, оние деца што играа по улиците, денес се младите кои станаа на нозе во знак на протест“.