Gülşen Topçu
28 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Премиерот на Владата за национално единство на Либија, Фаиз ес Сараџ, изјави дека треба да се стави крај на проектот за пуч на Калифа Хафтар, лидерот на илегалните вооружени сили на истокот на земјата, кој еднострано се прогласи за „претседател на државата“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава од Канцеларијата за односи со јавноста на Сараџ се истакнува: „Ентузијазмот на моќ и глупост го достигна својот последен степен. Бунтовникот (Хафтар) прогласи нов пуч и додаде нова алка во синџирот на државен удар што го започна пред неколку години.“
Истакнувајќи дека најавата на Хафтар е удар на Договорот „Сухејрат“ и на сите политички кругови во земјата, Сараџ рече дека очекувале таков потег од Хафтар за да ги прикрие поразите и дека тоа за нив не претставува изненадување.
Сараџ наведе дека со самопрогласувањето за „претседател на државата“, Хафтар на сите им покажал дека е неопходно да се стави крај на неговиот проект за пуч.
Тој исто така ги повика членовите на Претставничкиот дом во Тобрук на истокот на земјата да се приклучат во редовите на нивните колеги во Триполи.
Сараџ, истакнувајќи дека Хафтар дури извршил пуч и врз Парламентот во Тобрук, којшто претходно го назначил и го поддржал како армиски командант, рече дека ниту една држава повеќе не може да зборува за неговиот легитимитет.
Лидерот на нелегитимните вооружени сили во источна Либија, Калифа Хафтар, синоќа изјави дека политичкиот Договор „Сухејрат“ го изгубил своето значење и затоа се самопрогласил за „претседател на државата“.