Abdelrahman Fathy Ramadan Mohamed, Gülşen Topçu
30 Септември 2021•Ажурирај: 01 Октомври 2021
ГАЗА (АА) – Исмаил Ханије, шефот на политичкото биро на Хамас, истакна дека американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Нафтали Бенет не прифаќаат никакво политичко решение, вклучително и формирање палестинска држава на границите од 1967 година, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Според писменото соопштение објавено на веб-страницата на Хамас, Ханије гостувал во турскиот телевизиски канал „А Хабер“.
„Бајден и Бенет не прифаќаат никакво политичко решение, вклучително и палестинска држава на границите од 1967 година. Нивното доаѓање на функција нема многу да промени во окупациониот процес“, рече Ханије, додавајќи дека израелската Влада ја продолжува својата политика на окупација, инвазија и кршење на правата на палестинскиот народ на Западниот Брег и Газа.
Нагласувајќи дека постојат многу заеднички интереси меѓу САД и Израел, Ханије истакна дека поради тоа не очекуваат никаква промена во американската политика кон Израел.
Говорејќи и за договорите за нормализирање на односите меѓу Израел и некои арапски земји, Ханије рече дека Хамас таквото зближување го гледа со тага.
„Некои арапски земји сметаат дека нивниот легитимитет е поврзан со САД и мислат дека патот кон САД минува низ Тел Авив, но тоа не е вистина“, додаде Ханије.
Ханије, исто така, наведе дека фактот што владите на арапските земји воспоставуваат односи со Израел не значи дека луѓето од овие земји го признаваат Израел или договорите склучени со него.
- Договори за нормализација помеѓу Израел и некои арапски земји -
Договорот за нормализирање на односите беше потпишан меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин на церемонијата одржана во Белата куќа на 15 септември 2020 година.
Администрацијата на Картум, исто така, одлучи да ги нормализира односите со Израел на 23 октомври 2020 година, во замена за отстранување на Судан од листата на „земји што поддржуваат тероризам“, од тогашниот американски претседател Доналд Трамп.
По Судан, и Мароко, исто така, постигна договор за нормализирање на односите со Израел на 10 декември 2020 година.