Zein Khalil,Ekrem Biçeroğlu
15 Февруари 2025•Ажурирај: 17 Февруари 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Анат Ангрест, мајката на израелскиот војник Матан Ангрест, кој е заробен во Појасот Газа, рече дека договорот за размена на затвореници е „кревок“, бидејќи израелската влада предводена од Бенјамин Нетанјаху „го одолговлекува од политички причини“, известува Анадолу.
Ангрест, мајка на војникот Матан, кој во израелски тенк беше заробен од Хамас на 7 октомври 2023 година, даде изјава за израелскиот весник Хаарец.
Наведувајќи дека од еден од израелските затвореници кој неодамна биле ослободени во рамките на договорот е информирана дека нејзиниот син сѐ уште е жив во Газа, Ангрест рече дека ослободениот затвореник успеал да ѝ пренесе „дека нејзиниот син е повреден, дека се грижи за себе и дека се обидува да преживее во многу тешки услови“.
Повикувајќи ја израелската влада „да преземе акција за да обезбеди продолжување на договорот“, Ангрест нагласи дека „договорот е кревок поради израелската влада, но Хамас навистина сака да го продолжи овој договор, па дури и да ги скрати неговите фази“.
„Израел е страната која од политички причини решила да ја продолжи временската рамка и да одолговлекува“, рече Ангрест.
Критикувајќи ја администрацијата на Нетанјаху, Ангрест изјави дека иако нејзиниот син Матан е повреден, неговото име е отстрането од хуманитарната листа на Израел како дел од договорот за размена на заробеници.
И покрај уверувањето на Нетанјаху дека Израел ќе му даде приоритет на ослободување на затвореници, вклучително и војниците, од хуманитарни причини, посочувајќи дека ослободувањето на Матан е одложено за втората фаза од договорот, Ангрест истакна:
„На крајот, тој не го исполни ветувањето и ослободувањето на мојот син Матан е одложено за втората фаза.“