Ekipa
25 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
ЛОНДОН (АА) - Европските медиуми внимателно ги следеа вчерашните претседателски и парламентарни избори во Турција, а некои од нив не го криеја своето незадоволство од изборниот успех на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АК Parti), пишува Anadolu Agency (AA).
На насловните страници на речиси сите европски медиумски куќи вчера беше веста за изборите во Турција, а посебно внимание привлекоа медиумите кои не го криеја своето разочарување од изборниот неуспех на турската опозиција.
Станува збор за медиуми кои во текот на предизборната кампања отворено повикуваа на обединување на опозицијата, со цел рушење на Ердоган од власт.
Британскиот „Би-би-си“ (BBC) внимателно ги следеше изборите, а резултатите од изборите во Турција ги ажурираше во текот на ноќта со наслов „Ердоган води пред Инџе“. Објави дека Ердоган прогласил победа врз основа на прелиминарните резултати, наведувајќи дека турската опозиција тврди дека броењето на гласачките ливчиња не е завршено.
Весникот „Гардијан“ (The Guardian) ги користеше изборните резултати објавени од АА и ТРТ, а потоа објави вест дека Ердоган објавил победа која опозицијата не ја прифаќа.
Телевизијата „Скај њуз“ (SKY News) ја истакна важноста на изборите во Турција со оглед на фактот дека земјата поминува од парламентарен во претседателски систем на управување, а во насловот „Ердоган е победник на изборите“, терминот победник се најде во наводници.
И медиумите во Австрија, каде што живее голем дел од турската дијаспора внимателно ги следеа изборите во Турција, а весникот „Kронен“ (Kronen), етаблиран глас на радикалната десница, ги објави резултатите со коментар дека владеењето на Ердоган дополнително е зајакнато со новата двојна победа на претседателските и парламентарните избори.
Слични вести, исто така, беа објавени во весникот „Дер Стандард“ (Der Standard) и „Куриер“ (Kurier), кои посебно укажаа на големиот одзив на гласачи, повеќе од 87 отсто.
Најбројната турска дијаспора е населена во Германија, а тамошните медиуми ги следеа изборите во Турција како главен настан.
Весниците „Билд“ (Bild) и „Дер Шпигел“ (Der Spiegel) пишуваат дека Ердоган е во водство, а дека опозицијата негодува. Тие, исто така, пишуваа дека политичката опција на Ердоган се „мачи“ да собере мнозинство во Парламентот.
Германските медиуми посебно истакнаа дека Ердоган ја прогласил победата пред крајот на броењето на гласачките ливчиња.
Францускиот „Ле монд“ (Le Mond) пишува дека наспроти „лутата“ опозиција, Ердоган повторно победил по 15 години владеење.
И медиумските куќи „Ле Фигаро“ (Le Figaro) и „Франс инфо“ (France Info), ги истакнаа пораките на опозицијата која до доцните часови тврдеше дека ќе има втор круг претседателски избори и дека Ердоган нема да добие мнозинство во првиот круг.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан е меѓу првите кој му честиташе на Ердоган на изборниот успех, а унгарските медиуми ја цитираа тамошната телевизија „Хир“ (Hir), која по објавувањето на прелиминарните резултати објави вест со наслов „Ердоган може да започне да владее“.
Изборите во Турција беа ударна вест и во медиумите во Шпанија, Грција, Швајцарија, Бугарија, Холандија, Белгија, Данска, како и во земјите од регионот.
Предвремените претседателски и парламентарни избори се одржаа вчера во Турција. Според прелиминарните резултати, по избројаните повеќе од 99 отсто од гласовите во водство е актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, со 52,6 отсто од гласовите. Народната алијанса, составена од АК партија и Партијата за национално движење (MHP), води со 53,6 отсто од гласовите во трката за новиот состав на Парламентот на Турција.
Претседателскиот кандидат на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Мухарем Инџе, утрово се обрати на медиумите и го прифати изборниот пораз и го повика Ердоган да биде претседател на сите луѓе во Турција, без оглед на тоа за кого гласале.