Nilay Kar
25 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција, се надеваме, ќе остане посветен партнер на Европската Унија, изјави денес портпаролот на Европската комисија, јавува Anadolu Agency (AA).
Маргаритис Шинас говореше на дневниот брифинг во Брисел, по вчерашната победа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори во Турција, на кои освои апсолутно мнозинство.
„Се надеваме дека под раководството на претседателот Ердоган, Турција ќе остане посветен партнер на Европската Унија за главните прашања од заеднички интерес, како што се миграциите, безбедноста, регионалната стабилност и борбата против тероризмот“, рече тој.
Според Врховната изборна комисија на Турција, Ердоган освои апсолутно мнозинство на претседателските избори со 52,5 отсто од гласовите, додека неговиот ривал Мухарем Инџе освои 30,6 отсто од гласовите, од 99,9 отсто отворени гласачки кутии.
На парламентарните избори, заедно Партијата на национално движење (MHP) и Партијата на правдата и развојот (АК Parti), здружени во „Народната алијанса“ освоија 53,6 отсто од гласовите, од 99,1 отсто отворени гласачки кутии.
Ердоган на функцијата претседател стапи во 2014 година, а пред тоа, од 2003 до 2014 година, беше на функцијата премиер.
Ердоган е првиот претседател на Турција избран под новиот претседателски систем, кој беше изгласан на референдумот во април минатата година од страна на турските гласачи.