Ali Cura
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
МИНСК
Луѓето што сакаа да мигрираат во Европа, го напуштија кампот што го поставија на границата меѓу Белорусија и Полска и масовно дојдоа на граничниот премин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Луѓето што дојдоа во Белорусија со виза од Ирак и се обидуваат да преминат во Полска за да мигрираат во Европа, го напуштија кампот што го поставија во шумскиот предел на градот Гродно, Белорусија, што се наоѓа во близина на полската граница.

Околу 2.000 луѓе, меѓу кои има и деца и жени, се собраа пред полската граница на Граничниот премин Брузги - Кузница. Толпата сопре овде и започна да чека.
Полските безбедносни сили презедоа интензивни мерки на претпазливост на граничниот премин, каде што е поставена бодликава жица врз земјата.
Во соопштението на Државниот граничен комитет на Белорусија се нагласува дека се дојдени нови групи мигранти и дека бројот на мигрантите е зголемен на околу 2.100.

Меѓу другото, се наведува дека мигрантите уште од утринските часови ги собрале шаторите, вреќите за спиење и облеката од кампот „надевајќи се на позитивен исход на ситуацијата“.
„До пладне ммигрантите кои се организираа во големи групи почнаа да се движат кон Граничниот премин Брузги. Мигрантите ги истакнуваат своите мирољубиви намери и дека се подготвени за секоја ситуација“, се нагласува во соопштението од Државниот граничен комитет на Белорусија.
Исто така, во соопштението се забележува дека на чело на групата што се движи кон границата се наоѓаат деца и жени, а безбедноста и редот ги обезбедуваат белоруските граничари.
Од 8 ноември на границата меѓу Белорусија и Полска има повеќе од 2.000 луѓе, вклучително и значителен број деца и жени, кои дојдоа од Ирак и Сирија за да мигрираат во Европа. Мигрантите се обидуваат да преминат во Полска преку Белорусија.
