Furkan Abdula
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, на средбата било дискутирано за европската перспектива на Северна Македонија, за добрососедските односи, регионалните иницијативи како и за очекувањата во периодот што претстои, во пресрет на декемвриските Совети, како можност за позитивен исчекор во следната фаза од евро-интегративниот процес на земјата.
„Соговорниците се осврнаа на наодите од овогодинешниот Извештај на Европската комисија, преку кои беше испратен силен и јасен сигнал дека кредибилноста на политиката на проширувањето останува да биде клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економски развој во цела Европа. На средбата беа реафирмирани позитивните оценки на ЕК за земјата по однос на сите параметри, при што доаѓа и недвосмислениот повик кон Земјите Членки, без натамошно одложување да се завршат дискусиите за одржување на првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи што е можно поскоро“, се вели во соопштението на МНР.
Во соопштението се нагласува дека за време на средбата станало збор и за последните внатрешно-политички случувања во земјата, но и за напорите во надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија, како приоритет да се одблокира пат на Северна Македонија кон ЕУ.
„Владата останува силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, со дополнителен импулс и проактивност во развојот на добрососедските односи, како клучна додадена вредност во развојот на регионалната стабилност. Политиката на проширување е најдобрата алатка за поттикнување на сложени реформи и демократско консолидирање, а нејзината трансформативна моќ се темели на условеноста и објективното вреднување на резултатите во процесот низ кои се одразуваат вредностите на Европската Унија“, истакна Османи.
За време на средбата Комесарот Вархеји информираше за напорите на Европската комисија за обнова на европскиот моментум во регионот, но и за имплементацијата на Економско инвестицискиот план што претставува силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, унапредена регионална соработка и засилени конекции со ЕУ.
Османи во текот на денот ќе се сретне и со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, со Илхан Ќучук, известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент како и со советниците за надворешна политика на Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и на Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.