Selen Temizer
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) соопшти дека на списокот за санкции додала уште 4 министри на режимот на Башар ал Асад во Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение на Европскиот совет, на списокот се министерот за внатрешна трговија Амр Салем, министерот за информации Бутрос ал Халак, министерот за труд Мохамед Сеифедине и државниот министер Диала Баракат.
Исто така, се наведува дека целта на санкциите на ЕУ е да се изврши притисок врз режимот да донесе трајно политичко решение за сириската криза во согласност со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).
На списокот за санкции на ЕУ вклучени се околу 290 функционери на режимот на Асад и деловни луѓе кои го финансираат режимот, како и 70 институции и компании.
Санкциите наметнати врз режимот на Асад од 2011 година вклучуваат забрана за патување и замрзнување на имотот во ЕУ.
Покрај санкциите за увоз на нафта, ЕУ воведе санкции како што се ограничувања за инвестиции, замрзнување на средствата на Централната банка на Сирија во ЕУ и ограничување за продажба на одредена опрема.
- Режимот го игнорираше процесот на ОН
Асад, игнорирајќи ги резолуциите на ОН, одржа претседателски избори во мај и соопшти дека победил на изборите со освоени 95,1 отсто од гласовите.
По изборите, Асад изврши ревизија во Кабинетот во август.
Мапата на патот на политичката транзиција во Сирија беше утврдена со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, усвоена во декември 2015 година.
Според таа резолуција, се предвидува формирање преодна администрација, повторно пишување на Уставот и одржување избори.