Салман САЈИД
[Авторот на текстот е автор на книгата „Потсетување на калифат“ и професор по деколонијални идеи и реторика на Универзитетот во Лидс, Велика Британија]
ИСТАНБУЛ (АА) - Со цел наметнување на уште една во низата исламофобични мерки, францускиот режим е подготвен да воспостави ново тело за управување со најголемата муслиманска популација во Европската Унија: Форум на исламот во Франција. Овој форум ќе го сочинуваат луѓе избрани од официјален Париз, но не да ја претставуваат муслиманската заедница, туку да му помогнат на Макрон да го обликува исламот по сопствената желба на Франција.
Макрон и неговите министри тврдат дека споменатиот форум ќе го спречи екстремизмот, ќе го задржи влијанието на странските сили по прашањето на верските малцинства во Франција и ќе осигури дека муслиманите ќе се придржуваат до секуларизмот во јавниот живот. Тешко е сериозно да се сфатат овие оправдувања кога истовремено францускиот режим го дуплираше своето финансирање на христијанските училишта во земјите со мнозинско муслиманско население.
Се чини дека финансирањето на христијанските училишта од страна на самопрогласената секуларна држава, како што е Франција, би било во противречност со нејзините политики кон исламот и муслиманите во таа земја. Меѓутоа, сите ние сме навикнати на двојните стандарди на западните сили, така што таквите контрадикторности ректо кого веќе изненадуваат.
Западните сили имаат долга историја на проповедање демократија дома и на поддржување на тиранијата во странство, а би можело да се каже дека Франција е вклучена во ова вообичаено лицемерие. Меѓутоа, од раните 1990 години, последователните режими во Франција тргнаа во крстоносна војна против изразувањето на верската слобода во рамките на муслиманската заедница.
Многу аналитичари претпоставуваат дека Макроновата исламофобија е само изборен трик. Меѓутоа, ова гледиште го занемарува фактот дека исламофобијата не се повлекува на изборно ниво, туку останува присутна, а следната кампања дополнително ја проширува.
Како резултат на тоа, исламофобијата се прошири од одржување на десничарските партии до тоа што стана вообичаена појава во поголемиот дел на француската држава и општество, во целиот политички спектар.
Ефектот на нормализирање на исламофобијата се движи од полициски напад и насилство врз муслиманите, дискриминација при вработувањето, користење бројни административни процеси за забрана на муслиманските организации за граѓански и човекови права, вклучувајќи го, на пример, Колективот против исламофобија во Франција, кој забележа податоци и известуваше за расизмот кон муслиманите. Значи, не само што францускиот естаблишмент промовираше исламофобична политика, туку настојуваше да ги замолчи оние што се борат против исламофобијата и ја подигаат свеста за нејзините последици.
Би било погрешно да се гледа на интензивирањето на исламофобијата во Франција како на изолиран случај. Исламофобијата се шири низ светот. Ултранационалистичките режими низ светот сè повеќе ги изразуваат своите ставови и желби преку јазикот на исламофобијата. Тоа значи сè поголема конвергенција во оправдувањата што исламофобите ги користат да ги објаснат своите дискриминаторски постапки.
Она што посебно е опасно во врска со присутната исламофобија во Франција не е само тоа што директно ги загрозува животите на 6 милиони муслимани, туку фактот дека со децении е негувана во добро позната, воспоставена либерална демократија. Значи, тоа покажува дека исламофобијата не е поврзана само со воената диктатура, тоталитарните режими, колониите на населеници или династичките деспоти. Либерализмот и демократијата беа соучесници во колонијализмот, расизмот и нема причина да не можат да бидат соучесници и во исламофобијата.
Исламофобијата не се однесува само на омразата кон муслиманите или на споровите по прашањата за верата. Тоа е вид расизам што цели на однесувањето на група за која се смета дека го манифестира исламот. Исламофобијата не се однесува само на нападите на поединци врз муслиманите на улица; се работи и за дискриминација од страна на институциите. Расизмот не е само уверувања што луѓето ги носат во своите глави, туку повеќе систем на владеење.
Тоа е процес што ги претвора општествените групи во препознатливи биолошки групи. На пример, кога муслиманите минуваат низ аеродром, постои цел систем на набљудување кој ги идентификува според тоа како се облекуваат, како изгледаат, од која земја доаѓаат или во која заминуваат, што носат во рачниот багаж, како зборуваат. Системот на надзор ги идентификува муслиманите не врз основа на статусот на посветеност или индивидуалните намери и карактеристики, туку врз основа на тоа дали носат обележја на муслимани.
Значи, не е во прашање само хиџабот, брадата и халал храната, туку на муслиманите сè повеќе се гледа како на идентитет што е поврзан низ светот, а не што се содржи во националната држава. Фигурата муслиманка е претставена како антинационална, таа е направена да биде знак на двојна лојалност, непоправливо туѓа, знак дека нацијата не е целосна.
Секуларизацијата значи поништување на муслиманското постоење. Секуларизацијата не е одвојување на „црквата“ од државата; во однос на муслиманите тоа значи спојување на исламските институции од страна на државата и нивна принудна национализација. Обидот муслиманите да се национализираат и исклучат од секое чувство на солидарност, како што тоа е уммет (заедница), е карактеристика на исламофобичните режими низ светот.
Она што го придвижува францускиот режим не е вербата во секуларизмот, туку колонијалната носталгија. Париз не може да се помири со опаѓањето на својата позиција на светската сцена и во тврдоглавата истрајност на муслиманите гледа навреда. Напредокот на исламофобијата во Франција како и на други места во светот најавува замена на ветеното инклузивно државјанство со апартхејд на колонијално владеење.
Доколку Форумот на исламот во Франција се однесува на помирувањето на исламот со францускиот идентитет, тогаш би имал структура која ги претставува муслиманските гласови, наместо да биде соучесник во замолчувањето на муслиманите. Би прифатил дека исламофобијата е проблем во Франција, а не исламот. Би прифатил дека исламофобијата е вид расизам на кој треба да му се спротивставите, а не да го промовирате. Би признал дека борбата против исламофобијата не е само борба за правдата на муслиманите или оние што се сметаат за муслимани или сојузници на муслиманите, туку тоа е борба за сочувување и проширување на тешко стекнатите слободи за сѐ.
* [Мислењата изнесени во овој текст припаѓаат исклучиво на авторот и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија]
news_share_descriptionsubscription_contact
