Özcan Yıldırım
28 Септември 2022•Ажурирај: 28 Септември 2022
АНКАРА (АА) ‒ Разузнавачката служба на Република Туркије во операција во сирискиот Алепо ја неутрализира припадничката на терористичката организација ПКК/КЏК, Сабах Огур, по која е распишана црвена потерница и која е одговорна за подметнување шумски пожари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од безбедносни извори, МИТ внимателно ги следела движењата на високите кадри на ПКК/КЏК-ПЈД/ЈПГ во Сирија и Ирак, меѓу кои и на Сабах Огур, со кодно име „Силан Емгихан“.
Тимовите на МИТ утврдиле дека Огур била активна во Туркије, Сирија и Ирак, дека регрутирала нови членови во организацијата и била лидер на т.н. група „огнени деца“, која е одговорна за подметнувањето на пожарите во Туркије.
Со деталното следење, исто така е утврдено и дека Огур, по која била распишана црвена потерница од турскиот МУП, од Ирак се преселила во Сирија, каде што ѝ е доверена должноста при т.н. претседателскиот совет на ПКК/КЏК.
Операцијата е спроведена откако било утврдено дека Огур се наоѓа во градот Шеик Максут во Алепо, каде што е и неутрализирана.
Се дознава и дека нејзината сестра Захра Огур, исто така членка на терористичката организација ПКК, била неутрализирана во 2010 година.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 лица, меѓу кои жени, деца и доенчиња.