Handan Kazancı
28 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Лидерот на мнозинството во американскиот Сенат изјави дека треба да се даде некој вид одговор за улогата на Саудијците во грозоморното убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Мич Меконел, кој се смета за најголем сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп во Конгресот, за новинарите изјави: „Она што очигледно се случило, што во основа е потврдено од ЦИА, е одвратно во однос на сето тоа што САД го почитуваат и за кое се залагаат“.
„Ние дискутираме за тоа кој би бил соодведниот одговор“, додаде тој.
Саудискиот новинар и колумнист на американскиот весник „Вашингтон пост“ („The Washington Post“) Џамал Кашоги, е убиен на 2 октомври во објектот на саудискиот Конзулат во Истанбул.
По првичните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија подоцна признаа дека Кашоги е убиен во Конзулатот.
Саудискиот принц Мухамед бин Селман е под удар поради негова наводна улога во убиството.
„Никој не смета дека треба целосно и потполно да ги уништиме нашите односи со Саудијците“, изјави Меконел.
„Но да, ќе биде соодветно да се даде некој вид на одговор, и ќе продолжиме да зборуваме околу тоа“, додаде тој.