Dildar Baykan
07 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Во подрачјето на Бенгалскиот Залив се превртеа два брода со аракански муслимани, бегалци од нападите на војската на Мјанмар и будистичките националисти. Пронајдени се телата на 11 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Медиумите во Бангладеш го објавија соопштението на полицијата во коешто се наведува дека во утринските часови, во реката Наф се превртеле два брода во коишто се превезувале аракански муслимани, обидувајќи се да стигнат до Бангладеш.
Се претпоставува дека во бродовите имало по 20 до 25 лица. Полицијата на брегот од Бенгалскиот Залив го пронашла безживотното тело на 18-месечно бебе.
Во соопштението се вели: „Телата на останатите 10 аракански муслимани се пронајдени на брегот, во подрачјето на градот Текнаф во Бенгалскиот Залив“.
Од 25 август, голем број аракански муслимани загинаа во нападите на мјанмарската војска, којашто продолжува со насилствата во Аракан, под изговор дека се води борба против вооружени милитанти. Десетици илјади аракански муслимани се обидуваат да ги напуштат областите во кои се вршат напади. Повеќе од 60 села беа цел на напад, а од нив повеќе десетици се запалени.
Десетици илјади аракански муслимани се обидуваат да преминат од Аракан во Бангладеш, преку копно и вода, со цел да избегаат од нападите. Обединетите нации (ОН) соопштуваат дека досега, над 146.000 аракански муслимани пристигнале во Бангладеш, а десетици илјади чекаат во пограничните зони.
Не може да се утврди точниот број на убиените поради тоа што мјанмарската Влада не дозволува меѓународните организации да влезат во регионот. Граѓанските здруженија во Аракан соопштуваат дека бројот на загинатите е над илјада, а постојат и тврдења дека се убиени илјадници лица.