Betül Yılmaz
18 Мај 2025•Ажурирај: 18 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Најмалку 153 Палестинци се убиени во интензивираните израелски воздушни напади во Појасот Газа во последните 24 часа, изјави денес претставник на Министерството за здравство, јавува Анадолу.
„Немилосрдните израелски напади одзедоа животи на 153 лица низ енклавата“, изјави за Анадолу Мунир ал-Бурш, генерален директор во Министерството за здравство на Газа.
Тој истакна дека израелските воени авиони ги засилиле воздушните напади од утрово в зори, оставајќи 106 мртви.
„Израелската армија изведува најбрутални форми на етничко чистење и геноцид“ против палестинските цивили, додаде тој.
Билансот на убиени се случи откако израелски дронови ја гранатираа Индонезиската болница во Џабалија, северна Газа.
„(Израелската) окупација врши опсада на болницата со дронови и пука во секој што се движи“, изјави директорот на болницата Марван Султан.
Тој рече дека еден пациент е повреден од израелски оган во близина на болницата.
Израелската армија ги интензивираше воздушните напади врз Појасот Газа во последните пет дена, што коинцидира со турнејата на американскиот претседател Доналд Трамп низ Персискиот Залив, во рамките на која ги посети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Најмалку 378 Палестинци се убиени, а десетици повредени во нападите, соопшти Министерството за здравство.
Израелската армија спроведува брутална офанзива врз Газа од октомври 2023 година, во којашто се убиени над 53.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.