Ikrame Imane Kouachi
13 Јули 2024•Ажурирај: 15 Јули 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 70 Палестинци се убиени, а речиси 300 се повредени во денешните бомбардирања од страна на Израел на регионот Ал-Маваси западно од Хан Јунис, регион на југот на Појасот Газа за кој израелските власти тврдеа дека е „безбедно“ место за раселените Палестинци, известува Анадолу.
Министерството за здравство во Газа објави дека „71 Палестинец се убиени, а 289 се повредени во ужасниот масакр во областа Ал-Маваси во Хан Јунис“.
Се наведува дека меѓу повредените има и тешко ранети, а медицинските екипи се борат за нивните животи.
Единицата за цивилна одбрана во Газа објави дека израелски воени авиони го бомбардирале регионот Ал-Маваси, западно од градот Хан Јунис, во кој живеат илјадници раселени Палестинци.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелската армија употребила пет тешки проектили за да ја гаѓа областа Ал-Маваси, која израелските сили ја прогласија за безбедна зона.
Портпаролот на израелската војска, Авичај Адре, на 1 јули даде изјава во која побара од Палестинците итно да ги евакуираат областите источно од градот Хан Јунис заради нивна безбедност.
После тоа, Палестинците кои бегаа од израелските напади мораа да мигрираат на запад, кон ненаселениот регион Ал-Маваси, кој се протега од југозападниот Деир ал Белах до западниот дел на Рафа.
Палестинците кои побегнаа во песочниот регион Ал-Маваси, кој е несоодветен за населување, мораа да се засолнат во ова подрачје без основна инфраструктура, канализација, електрична енергија и комуникации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.