Mohammad Sıo
02 Октомври 2024•Ажурирај: 03 Октомври 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку тројца цивили загинаа, а исто толку се повредени во израелски воздушен напад, чија цел беше стан во главниот град на Сирија, Дамаск, јавија сириските државни медиуми, пренесува Анадолу.
„Вечерва, израелскиот непријател започна воздушен напад од правец на окупираната сириска Голанска Висорамнина, насочен кон станбена зграда во населбата Мезех во Дамаск“, објави новинската агенција САНА.
„Во нападот загинаа тројца цивили, тројца се повредени, и предизвикана е материјална штета на приватниот имот во околината“, се додава.
Израел не се огласи во врска со нападот.
Нападот се случи еден ден по израелското бомбардирање на воениот аеродром Ал-Тала во подрачјето на Свеида, и радарските системи на баталјонот за воздушна одбрана во Дара.
Вчераутро, три лица загинаа, а неколкумина беа повредени во израелско бомбардирање чија цел беа неколку локации во Дамаск, според новинската агенција САНА.
Израел спроведува воздушни напади во Сирија од 2011 година против владините сили, иранските трупи и позициите на Хезболах.