Rania R.a. Abushamala
25 Февруари 2024•Ажурирај: 25 Февруари 2024
АЛ-КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Премиерот на Израел, обвинет за геноцид, Бенјамин Нетанјаху, вчера дека е подготвен кон почетокот на следната недела да ги одобри оперативните планови што се однесуваат на Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, кој е дом на повеќе од милион протерани Палестинци, известува Анадолу.
„На почетокот на неделата ќе се сретнам со воениот кабинет за да ги одобриме оперативните планови за Рафа, вклучително и евакуацијата на цивилното население“, изјави Нетанјаху на прес-конференција.
Со недели, израелските закани за започнување копнена операција во градот Рафа, сместен во близина на границата со Египет, ескалираат и покрај зголемените регионални и меѓународни предупредувања за потенцијални катастрофални последици.
„Работиме да постигнеме друга рамка за ослободување на нашите заложници, како и да ја завршиме елиминацијата на баталјоните на Хамас во Рафа“, рече Нетанјаху и додаде:
„Затоа испратив делегација во Париз и ќе разговараме за следните чекори во преговорите.“
Разговорите за договорот за размена на затвореници меѓу Израел и Хамас во петокот се одржаа во Париз, на кои меѓу другите присуствуваа и шефот на Мосад Давид Барнеа, директорот на ЦИА Вилијам Барнс, катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и шефот на египетското разузнавање Абас Камел.
Израелските медиуми вчера објавија дека израелскиот тим се вратил од Париз зборувајќи за „добри преговори и позитивна атмосфера“.
Тел Авив проценува дека 134 заложници Израелци има во Појасот Газа, а според официјални извори од двете страни, во израелските затвори се наоѓаат најмалку 8.800 Палестинци.
Претходно, со посредство на Катар, Египет и САД, од 24 ноември до 1 декември беше постигнат еднонеделен прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, беа прекинати воените дејствија, разменети се затвореници и беше доставена исклучително ограничена хуманитарна помош во Појасот Газа.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 29.606 Палестинци, воглавно деца и жени, а ранети се повеќе од 69.737 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.