Ahmet Furkan Mercan
31 Август 2020•Ажурирај: 01 Септември 2020
ТОКИО (АА) - Новиот премиер на Јапонија што ќе го замени Шинзо Абе, кој минатата недела поднесе оставка, се очекува да биде избран на вонредната парламентарна седница што ќе се одржи на 17 септември, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Либерално демократската партија (ЛДП) својот кандидат за премиер ќе го избере помеѓу 13 и 15 септември. Вонредната парламентарна седница за избор на новиот премиер ќе се одржи на 17 септември.
Во трката за премиер ќе учествуваат претседателот на Советот за истражување на политики при ЛДП и поранешен министер за надворешни работи, Кишида Фумио, и поранешниот генерален секретар на ЛДП и поранешен министер за одбрана, Ишиба Шигеру.
Според информативната агенција „Кјодо“ главниот секретар на Кабинетот на премиерот, Суга Јошихиде, исто така се очекува да се вклучи во премиерската трка.
На дневната прес-конференција Суга не го коментираше прашањето за неговата кандидатура за премиер.
Наведувајќи дека неговата болест се вратила, Шинзо Абе минатата недела даде оставка од премиерската функција. Абе на функцијата премиер на Јапонија беше 7 години и 8 месеци.