Lokman İlhan
16 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
БОГОТА (АА) - Од оружјето што го предадоа бунтовниците на Револуционерните сили на Колумбија (FARC) ќе бидат подигнати споменици во три земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Претходно, претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос соопшти дека со преговорите со посредство на ОН е завршена војната којашто траеше 52 години.
Синоќа во Пандорес беше одржана церемонија на којашто беше испратен и последниот конвој со оружје што го предаде ФАРК, а од безбедносни причини не е откриено каде се чува предаденото оружје.
Спомениците од повеќе од 8.000 парчиња оружје ќе бидат подигнати во Колумбија, Њујорк и на Куба.
ФАРК соопшти дека во новиот живот во политиката ќе го користи името ”Fuerza Alternativa Revolucionaria de Colombia“ (Алтернатива на револуционерните сили на Колумбија).
Се очекува дека на конгресот што новиот ФАРК ќе го организира од 27 август до 1 септември, ќе присуствуваат голем број лица од странство.
Лидерот на организацијата, Родриго Лондоно, откако ФАРК предаде третина од оружјето, на 7 јуни изјави дека никогаш повеќе нема да применува насилство.
„Нашето единствено оружје ќе бидат зборовите“, истакна тогаш.
Мировниот договор меѓу владата и бунтовниците во Колумбија е постигнат на почетокот од октомври минатата година, а мировниот договор потоа е поставен како референдумско прашање, и 50,24 отсто од гласачите не се сложија со него.
Следуваше и продолжување на преговорите во колумбискиот град Хавана, а на 12 ноември и официјално беше потпишано примирјето меѓу претседателот Сантос и лидерот на ФАРК, Родриго Лондоно.
Во изминатите 52 години судири меѓу владините сили и милитантите на ФАРК, во Колумбија загинаа повеќе 220.000 лица, а раселени се повеќе од шест милиони жители.
Бунтовничкото движење ФАРК се наоѓа на листата на терористички организации во САД и ЕУ. Станува збор за милитантно движење коешто во екот на силата имаше повеќе од 17.000 вооружени борци, а моментално вбројува околу 7.000 милитанти.