Lokman İlhan
30 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
БОГОТА (АА) - Колумбиските медиуми јавуваат дека делегација составена од претставници на бразилското Министерство за здравство, Центарот за спречување и истрага на несреќи во воздушниот сообраќај (CENIPA) и Федералната полиција пристигнаа во Меделин, град во кој вчера се случи авионска несреќа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата со авион на бразилските воздухопловни сили пристигна во Меделин, со цел да ја следи истрагата и да помогне во неа.
Министерот за транспорт на Колумбија, Хорхе Едуардо Рохас, на местото на несреќата изјави дека дел од истрагата е започнат по несреќата во која загинаа 77 лица, а таа ќе трае два до три дена. Тој, исто така, ги повика бразилските и боливиските експерти во Колумбија да им помогнат во истрагата.
Болницата „Сан Виченте“ од Меделин соопшти дека на голманот на Шапекоенсе, Џексон Рагнар Фолман, спасен во текот на несреќата, му била ампутирана десната нога.
Колумбискиот весник „Ел еспектадор“, пренесува дека Химена Суарес, преживеан член на екипажот, на гувернерот на колумбиската провинција Антиокија, Луис Перез Гутиерез му рекла дека се сеќава само на гаснењето на светлата.
Членот на екипажот Ервин Тумри, за аргентискиот ФОКС Спортс изјави дека преживеал благодарение на почитувањето на безбедносните правила во текот на летот.
Авионот кој полета од Санта Круз де Сиера, во Боливија, се урна во Колумбија. Во авионската несреќа загинаа 68 патници и девет членови на екипажот. Во авионот се наоѓаа и играчите на бразилскиот фудбалски клуб Шапекоенсе.