Bayram Altuğ
03 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) ‒ Најмалку 227 цивили загинаа, а 525 се повредени од почетокот на руската војна против Украина, соопшти телото за човекови права на Обединетите нации, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Севкупно, од 4 часот наутро на 24 февруари 2022 година, кога започна воената акција на Руската Федерација против Украина, до 12 часот на полноќ на 1 март 2022 година, Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (OHCHR) регистрира 752 цивилни жртви во Украина: 227 убиени (31 маж, 25 жени, 6 момчиња и 3 девојчиња, како и 6 деца и 156 возрасни чиј пол сè уште не е познат) и 525 повредени (42 мажи, 33 жени, 7 девојчиња и 2 момчиња, како и 19 деца и 422 возрасни чиј пол сè уште не е познат“, се вели во соопштението на ОХЦХР.
ОХЦХР смета дека вистинските бројки се значително повисоки.
„Повеќето од овие жртви се предизвикани од употреба на експлозивно оружје како гранатирање од тешка артилерија и ракетни системи за лансирање, како и воздушни напади“, се додава во соопштението.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, беше дочекана со голем гнев од меѓународната заедница, при што Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Многу земји, исто така, ја снабдуваат Украина со оружје и го затворија својот воздушен простор за руските авиокомпании и ги забранија руските државни медиуми.