Rabia İclal Turan
08 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, денес објави дека два милиони бегалци ја напуштиле Украина од почетокот на војната на 24 февруари, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денес бројот на бегалци што преминале од Украина во соседните земји достигна два милиони“, објави Гранди на Твитер.
Ден претходно, вчера, оваа бројка изнесуваше 1,7 милиони.
Според Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (OHCHR), во период од 24 февруари до 7 март најмалку 406 цивили биле убиени, а 801 лице се ранети во Украина. Меѓу загинатите има 27 деца.
ОХЦХР соопшти дека реалниот број на жртви е многу поголем, наведувајќи дека поради условите на терен тешко е да се потврди точниот број на цивилни жртви.
Денес беше прогласен привремен прекин на огнот меѓу силите на Москва и Киев со цел да се евакуираат цивилите од Киев, Харков, Чернихив, Суми и Мариупол.