Ömer Faruk Yıldız
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
ЖЕНЕВА
Обединетите нации (ОН) информираа дека по воениот удар во Мјанмар, Армијата добила поддршка во муниција од Кина, Русија и Србија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Том Ендрјус, специјален известувач на ОН за човекови права во Мјанмар, во својот извештај насловен како „Поддршка на злосторствата: Снабдување со оружје од земјите членки на ОН за Армијата на Мјанмар“ ги сподели деталите за поддршката за вооружување на Армијата на Мјанмар.
Осврнувајќи се на извештајот, Ендрјус рече: „И покрај бруталноста на Армијата на Мјанмар од минатогодишниот пуч, Русија и Кина, членки на Советот за безбедност на ОН, продолжуваат да испраќаат воени авиони и оклопни возила на Армијата на Мјанмар. Од Русија е ветено многу повеќе муниција.“
Подвлекувајќи дека Србија почнала да ѝ испраќа оружје на Војската на Мјанмар по пучот, Ендрјус додаде дека „Србија извезува ракети и тешко оружје во Мјанмар“.
Повикувајќи ги овие земји да ја прекинат својата помош во оружје за Армијата на Мјанмар, Ендрјус рече: „Како што светот доцни, во Мјанмар ќе умираат повеќе невини луѓе, особено деца.“
Нагласувајќи дека народот на Мјанмар ги молел ОН да интервенираат против Армијата, Ендрјус рече: „Народот на Мјанмар чека одлука од Советот за безбедност да ја запре продажбата на оружје што се користи против нив. Многу цивили се цел на оружјето што се снабдува од земјите членки на ОН. Оваа ситуација мора да заврши.“
Во извештајот се осврнува и на оружјето испратено до Армијата на Мјанмар од 2018 година, кога се случија масакрите врз муслиманското етничко малцинство Рохинџа.
- Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите против пучот, досега 902 цивили го загубија животот, а илјадници се приведени.
Во меѓувреме, според Организацијата за помош на политичките затвореници (AAPP), од пучот во земјата животот го загубиле 1.500 луѓе, а приведени се илјадници демонстранти.
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.