Hussein Mahmoud Ragab Elkabany,Hamdi Yıldız
09 Февруари 2018•Ажурирај: 10 Февруари 2018
КАИРО (АА) - Египетската војска започна опсежна антитерористичка акција во различни подрачја на Синајскиот Полуостров, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Вооружените сили на Египет, Тамир ер Рифаи, на социјалните мрежи потврди дека е даден црвен аларм на припадниците на вооружените сили и полицијата, со цел неутрализирање на терористичките елементи.
На државната телевизија е објавено триминутно соопштение во кое е наведено дека е започнато спроведување на сеопфатен стратешки план на египетската војска и полиција. Опсежната акција, како што наведува Рифаи, има четири цели, меѓу кои е и чистење на подрачјето од терористичките елементи, заштита на египетската заедница од терористи и борба против сите останати злосторства.
Од граѓаните е побарано да им дадат поддршка на војската и полицијата во борбата против заканите што ја нарушуваат стабилноста и безбедноста на земјата.
По зголемениот број вооружени напади на Синајскиот Полуостров, претседателот на Египет, Абдел Фатах ел Сиси, кон крајот на ноември минатата година, даде наредба во рок од 3 месеци војската и полицијата да воспостават стабилност и сигурност на тоа подрачје.
Локални извори информираа дека во Ариш, на северот од Синајскиот Полуостров, во утринските часови е забележана голема концентрација на воени сили.
Синајскиот Полуостров е цел на смртоносни напади на милитантите од средината на 2013 година, кога со воен удар е соборен Мухамед Морси, првиот египетски претседател избран на слободни парламентарни избори.
Оттогаш, во нападите на милитантите на Синајскиот Полуостров, се убиени повеќе од стотина припадници на безбедносните сили.
Египетските сили за безбедност водат жестока кампања против милитантите, нарекувајќи ги „терористички групи со седиште на Синајскиот Полуостров“.