Melike Pala
26 Февруари 2025•Ажурирај: 27 Февруари 2025
АНКАРА (АА) - Откажана е средбата на високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, и американскиот државен секретар Марко Рубио, која беше планирана да се одржи во Вашингтон, јавува Анадолу.
Според портпаролот на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Ануар ел-Ануни, Калас денес и утре престојува во официјална посета на Вашингтон.
За време на посетата Калас треба да се сретне со американски сенатори и членови на Конгресот за разговори за Украина и трансатлантските односи.
Таа ќе се сретне и со делегацијата на ЕУ во САД.
Но планираната средба на Калас со Рубио е откажана поради „конфликти во распоредот“.
Портпаролот изјави: „Поради проблеми со распоредот, високата претставничка нема да се сретне со државниот секретар Рубио за време на оваа посета. Двајцата последен пат се сретнаа за време на Минхенската безбедносна конференција.“
Напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина преку контакти со Русија, притоа исклучувајќи ги и Украина и ЕУ, предизвикаа загриженост и разочарување во Брисел.
Калас на 24 февруари за време на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ најави дека ќе отпатува во САД за да разговара за Украина и ќе се сретне со Рубио за време на посетата.
Постојано залагајќи се за вклучување на ЕУ во мировните преговори, Калас предупреди дека секој потенцијален „лош договор“ за Украина за ставање крај на војната не само што ќе биде штетен за Европа туку, исто така, и за САД.