ИСТАНБУЛ (АА) - МЕХМЕТ ОЗТУРК - Пакистанскиот претседател Ариф Алви смета дека Пакистан и Турција, кои негуваат блиски културолошки и историски односи, имаат значаен потенцијал за соработка во многу области, јавува Агенција Анадолија (АА).
Алви ја посети турската метропола Истанбул за да присуствува на церемонијата на пуштање на корветата за пакистанската морнарица направена во Турција, наречена „ПНС Бабур“.
Претседателот на Пакистан во таа прилика за АА говореше за различни прашања, вклучувајќи ги билатералните односи, ситуацијата во Авганистан и односите со Индија.
Агенција Анадолија: Пакистан и Турција имаат блиски културолошки, историски и воени односи. Кои се новите идеи за овие односи да се развијат, за да се продлабочат економските и стратешките врски меѓу двете земји?
Алви: Мислам дека можностите се големи. Светот се менува многу брзо, се случуваат нови поларизации и промените се величествени. Како резултат на тоа, Пакистан и Турција имаат голем потенцијал во многу области.
Меѓународната заедница подолго време е заедница за која интересите се поважни од принципите, вклучувајќи ги Кашмир, Кипар, Нагорно Карабах.
Во таква ситуација, секогаш постои можност за растечките економии како Турција и Пакистан, да бараат нов пат, каде што моралот е поважен од интересот.
Можностите за соработка меѓу Пакистан и Турција се огромни. Лидерите на Пакистан и Турција за прв пат го учат светот дека ваквата реакција на исламофобијата ги оддалечува луѓето, па можностите се огромни.
Прашање: Што се однесува до економијата, иако двете земји поставија цел за обем на трговска размена од 5 милијарди долари за 2023 година, се чини дека тие заостануваат многу зад оваа бројка. Како го гледате ова?
Алви: Вчера имав долг разговор со претседателот Реџеп Таип Ердоган и двајцата сме многу загрижени дека треба да се случи ова забрзување на економско ниво. Постојат фокус-групи, како во Министерството за трговија во Пакистан, така и во Министерството во Турција, кои ги разгледуваат конкретните прашања.
На пример, турските инвестиции во Пакистан се на многу добро ниво. Во моментов, постои соработка кога станува збор за минерали и гранит, а Турција е значаен експерт кога станува збор за тоа. Бизнис-круговите во Турција и Пакистан треба да се свртат во таа насока.
Двете земји би требало да го остварат трговскиот потенцијал. Поставена е цел за обем на трговската размена од 5 милијарди долари. Светот се намалува и станува протекционистички, тоа значи дека доколку братските земји Пакистан и Турција соработуваат, нивните економии ќе напредуваат. Во исто време, ние сме самостојни, на пример, во одбраната, ние сме самоуверени и колку повеќе делиме едни со други, толку повеќе има економски развој и просперитет на нашиот народ. Значи, тоа е многу важна област, каде што очекувам дека со обновена сила и волја меѓу Турција и Пакистан да има огромен напредок.
Прашање: Од аспект на одбранбената индустрија, како е можно да се подобри соработката меѓу Турција и Пакистан и какви амбициозни иницијативи можеме да очекуваме во овој поглед?
Алви: Мислам дека сме особено фокусирани на хеликоптерите „T129 ATАК“. Покрај тоа, го анализираме развојот на подморници и го следиме напредокот кога станува збор за петтата генерација во авијацијата, што е многу важно поле за соработка.
Ја разгледуваме соработката за беспилотни летала, што е многу важно за економијата. Така, Турција и Пакистан ја продолжуваат соработката кога се во прашање вештачката интелигенција и киберодбраната. Ние не сме земји кои напаѓаат. Пакистан и Турција се мирни земји кои се вклучени во одбраната.
Па така мислам дека Турција и Пакистан имаат голем потенцијал во тие области, односно растечките технологии. Затоа, можеме да ги забрзаме активностите на четвртата индустриска револуција, што се случува, а Пакистан и Турција, како земји решени да соработуваат, можат да ја забрзаат оваа трка и, благодарение на тоа, да доведат до поголем економски напредок.
Прашање: Премиерот на Пакистан и началникот на Армијата честопати повикуваа на промени од геополитика во геоекономија. Што значи тоа?
Алви: Тоа е значајна политичка промена. Во текот на изминатите 15-20 години, кинеските власти развија политика „Еден појас, еден пат“ со другите земји за севкупен развој.
Слично на тоа, Пакистан стана трговски центар во централна Азија. Трасата на земјите од Централна Азија, кога станува збор за економијата, е многу пократка кога се оди по морски пат. Патот до западните делови на Кина, кога станува збор за извозот, е многу пократок и е само околу 2.414 километри од западните делови на Кина преку Пакистан преку море, додека ако одат на источната страна на Кина и водите, тоа е околу 8.046 - 9.656 километри.
Затоа, за земјите од Централна Азија, за Кина, Авганистан, Таџикистан, Туркменистан и Пакистан, важното партнерство со геоекономскиот трансфер-центар, кон кој се стреми Пакистан денес, е многу важно за развојот на трговијата.
И поради тоа, што и да се случува во Авганистан, луѓето се свесни дека по 40 години страдање, потребен е мир. Авганистан треба да биде дел од тој трговски пат.
Прашање: Дали можеме да очекуваме мир во Авганистан во наредните денови?
Алви: Се надевам. Пакистан се надева.
Пакистан отсекогаш покажувал мирен став. Пакистан секогаш следеше позитивен став во последните 40 години. Прво, ние секогаш велевме дека советската инвазија во 1979 година никогаш не требаше да се случи. Второ, кога Советите ја напуштија земјата во 1989 година, ние останавме сами да се справуваме со хаосот што остана.
Успеавме да одржиме добри односи со Авганистан, а потоа дојдоа Американците. Пакистан продолжуваше да вели дека војната не е решение.
Само Пакистан, во целото ова сценарио, низ целиот свет, зборуваше дека војната не е решение.
Земјите станаа свесни за ова по изгубени билиони и стотици илјади жртви. И Пакистан загуби повеќе од 100.000 луѓе и милиони долари. Овој пат, имаме право да кажеме дека светот треба да нè слуша кога е во прашање мирот.
Прашање: Какви заеднички одговорности можат да преземат Турција и Пакистан за да воспостават мир и стабилност во Авганистан?
Алви: Двете земји, како и другите во регионот, сега чекаат. За да се смири ситуацијата, да се разјаснат работите, чекаме да видиме кој ќе го претставува народот во Авганистан и со кого ќе воспоставиме дијалог.
Тоа ќе биде јасно за неколку дена. Се мислеше дека ќе бидат потребни шест или седум месеци, така рекоа најдобрите експерти од земјите што потрошија милијарди и билиони за Авганистан. Сите беа изненадени кога се случи она што Пакистан го зборуваше од почетокот, а светот не го разбра. Потоа почнаа да го користат Пакистан како жртвено јагне, како Пакистан да е виновен за настаните.
Гледаме дека авганистанскиот народ соработува и сè уште немаме извештаи за големи масакри. Тоа ме прави среќен. Ние сме наследници на традицијата на муслиманската заедница. Солх Ходајбија (Мировен договор од Ходејбија, op. a.) е најубавиот пример за ова. Им реков на талибанците: „Ако сте на власт во Авганистан, простете, дадете амнестија како што направи Нелсон Мандела во последната ера обидувајќи се да ја обедини Јужна Африка...“ Имам надеж.
Прашање: Историската турска ТВ-серија „Дирилиш: Ертугрул“ со голем интерес се гледа во Пакистан. Откако серијата се здоби со значителна популарност, двете земји започнаа нова серија „Турк Лала“, која ја опфаќа приказната за Абдур Рехман Пешавари, еден од првите репортери на Агенција Анадолија, основана во раните 1920-ти години. Како го коментирате тоа?
Алви: Овие серии зборуваат за односите меѓу Турција и Пакистан, уште пред да се формира Пакистан, барем до 1880-тите. Ова е една прекрасна врска на муслиманската заедница. Пакистан поради тоа го започна Движењето „Калифат“. И мислам дека новата генерација треба да го знае тоа. Ова е најголемата соработка постигната со Турција во овој дел од светот.
Значи, има други работи што се случуваат со серијата Ертугрул, Јунус Емре и овој проект. Муслиманите бараат мирно минато. И кога се горди на мирното минато, тогаш можат повторно да изградат мирна иднина.
Подемот на муслиманите се случува кога луѓето се убедени и кога имаат надеж. И тие бараат проекти како овој, споменици, а спомениците од исламскиот свет, како во Истанбул, ги инспирираат луѓето.
Кога муслиманите ќе се идентификуваат со ова, ќе има ренесанса во нив. Затоа, Пакистан и Турција, како двајца лидери во муслиманскиот свет, соочени со Западот, зборуваат за тоа колку може да биде поразителна исламофобијата и укажуваат на потребата да се разгледа прашањето за исламскиот свет, на пример, прашањето за Кашмир.
Она што се случува во Индија е она што се случи во Европа, кога го изолирате населението, како муслимани, сите тие се малцинство, не само муслимани, сите малцинства се лошо третирани во Индија. Тие се обидуваат да ја преиспишат историјата.
Додека бараме убава историја во минатото, цел за мирен свет, тие бараат да ја преиспишат историјата и да донесат поделби меѓу луѓето и заедниците.
Пакистан е свесен за сето ова. Зошто? Затоа што кога работите не се решаваат праведно, ние страдаме. Доколку Индија живее во немири, кога станува збор за трговијата, нас ќе нè обвинуваат. Окупацијата на Кашмир е ситуација што меѓународната заедница не смее да дозволи да се случи.
Ова е област каде што Пакистан и Турција, со донесувањето мировни одлуки за прашањето како Кашмир и Кипар, имаат значајна улога во донесувањето морална димензија на Обединетите нации. Таму го гледам потенцијалот за лидерство.
Прашање: Нашето последно прашање е за односите меѓу Пакистан и Индија. По прекинот на огнот во февруари на линијата на контрола, нема напредок во односите меѓу Пакистан и Индија. Претходно се појавија информации дека започнале неформални преговори. Каков е статусот на овие преговори? Ова прашање е многу важно бидејќи Кашмир е чувствителна тема.
Алви: Индија е воена нација и не разбира што значи мир. Таа има проблеми со земјите, вклучувајќи ги Шри Ланка, Непал, Кина и сега има проблеми и со својот народ. Влегувајќи во поделби, таа повторно пишува историја.
Ја предупредивме меѓународната заедница дека таквите работи можат да доведат до геноцид. Кога ги изолирате луѓето, кога ги третирате како различни граѓани... таквите работи се неморални, тоа е апартхејд.
Индија воведе закон за државјанство и се обидува да ја промени демографијата на Кашмир. Дали тоа ќе доведе до мир и просперитет? Нема.
Ако ја посетите пакистанската страна на Кашмир, денес е мирно. Има крикет лига. Но, од индиска страна, тие не дозволуваат новинарите да известуваат, не дозволуваат инспекција на претставниците на ОН.
Тие не сакаат да се објавуваат фотографии од тиранијата. Така, мислам дека ситуацијата е лоша и сакаме меѓународната заедница да се фокусира на Кашмир.
Верувам дека Турција нè поддржува, нè разбира и дека турскиот народ го разбира тоа добро. Ако некогаш се нацрта алтернативна слика, турскиот народ не би ја прифатил.
Пакистан уште еднаш зборуваше за ова прашање. И покрај она што го вели Индија, всушност, штом Индија го презеде претседателството со Советот за безбедност на ОН за краток временски период, рече дека Кашмир е составен дел од неа, што беше одбиено од Генералниот секретаријат на ОН.
Им честитам на Турција и Азербејџан за решавањето на прашањата за кои меѓународните медиуми и заедницата затворија очи (во Нагорно Карабах). Се надеваме дека и прашањето за Северен Кипар ќе има решение.
Прво народот се обединува, па потоа властите. Ако народите на Пакистан и Турција се обединети по ова прашање, секој обид да се пропагира Индија ќе заврши со неуспех. Светот знае дека тие произведуваат лажни вести, сите земји почнаа да слушаат и проверуваат.
Ова е крајно непромислена ситуација. Индија треба да научи да живее во меѓународна заедница каде што се почитуваат принципите изгласани од ОН, а не како разбојници. Ова е многу чудна земја и светот треба да го знае тоа.
Прашање: Дали постои неформална дипломатија со Индија?
Алви: Мислам дека не е така. Прво, тука е прашањето за Кашмир. Ветувањата не беа исполнети кога Индија беше поделена. Беше дадено ветувањето дека деловите населени претежно со муслимани ќе припаднат на Пакистан, а провинциите во кои претежно живеат Хиндуси на Индија. Кашмир беше изоставен. За Кашмир не беше одлучено по тие основи. Тоа е причината за сегашното страдање.
Пакистан се противи на членот 370 од Уставот на Индија. Не се согласуваме со тоа и Кашмир никогаш не требаше да се споменува во Уставот на Индија. Затоа Пакистан донесе одлука „Кашмир да биде дел од Пакистан“.
Но, членот 35А, што беше променет од Индија, беше ветување дадено за жителите на Кашмир и тие се разочарани. Значи, доколку Индија не ги врати тие работи, мислам дека Пакистан нема да може да го продолжи дијалогот.
Не можеме да тргуваме со страдањата на луѓето. Тоа не е можно. Пакистан е принципиелна земја и нема да тргува. Нема да тргуваме со кипарското прашање, нема да тргуваме ниту со прашањето за Кашмир.
news_share_descriptionsubscription_contact
