Şeyma Uzundere
18 Август 2021•Ажурирај: 19 Август 2021
ЛОС АНЏЕЛЕС (АА) - Шумски пожари веќе неколку дена беснеат во американската сојузна држава Калифорнија, а поради ветрот брзо се шират кон север, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пожарот Калдор е активен од минатиот викенд во подрачјето на Сиера Невада. Локалните власти соопштија дека во пожарот изгореле најмалку 50 куќи.
Компанијата „Пацифик гас и електрик“ (Pacific Gas & Electric), задолжена за дистрибуција на електрична енергија во Калифорнија, презеде низа превентивни мерки во екот на ширењето на шумските пожари, така што снабдувањето со електрична енергија е прекинато во 18 населени места на северот на државата. Поради тоа, без напојување со струја останаа над 50.000 домаќинства.
Во северозападниот дел на Калифорнија од 14 јули активен е пожарот Дикси во кој се уништени повеќе од 200.000 хектари шума.
Во пожарот целосно изгоре историската населба Гринвил, во која живееја нешто повеќе од 800 жители. Целосно изгореа над 180 објекти.
Пожарот Дикси важи за втор по големина шумски пожар што некогаш ја зафатил Калифорнија.