Qais Omar Darwesh Omar,Zeynep Hilal Karyağdı Duran
13 Октомври 2023•Ажурирај: 14 Октомври 2023
АМАН (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас предупреди на хуманитарна катастрофа што ќе се случи поради израелските напади и наведе дека депортацијата на луѓето во Газа ќе биде „втора Накба“ (Голема катастрофа), јавува Анадолу.
Како што јави државната палестинска новинска агенција ВАФА, Абас остварил средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Аман, главниот град на Јордан.
За време на состанокот Абас изјавил дека израелските напади врз палестинскиот народ треба да престанат колку што е можно поскоро.
Тој наведе дека е против преселувањето на луѓето во Газа нагласувајќи дека тоа ќе биде „втора Накба“.
Повикувајќи на отворање коридори за хуманитарна помош во Газа, испорака на медицинска помош и снабдување со електрична енергија, вода и гориво, Абас рече:
„Предупредуваме на хуманитарна катастрофа бидејќи единствената електрана во Газа не може да работи и сите хуманитарни услуги се прекинати.“
Тој порача дека „теророт на колонијалистите над населението во палестинските бегалски кампови, села и градови на Западниот Брег мора да престане“.
Истакнувајќи дека е против убивањето или казнувањето на цивилите од двете страни, Абас повика на ослободување на цивилите и заложниците.
Палестинскиот претседател наведе дека мирот и безбедноста ќе се постигнат со давање легитимни права на палестинскиот народ и напомена дека треба да се дојде до политичко решение.
Накба, или Денот на големата катастрофа, го симболизира страдањето и прогонот на палестинскиот народ од основањето на израелската држава на палестинска земја. Милиони Палестинци и денес сѐ уште имаат статус на бегалци и сонуваат за денот кога ќе се вратат во својата татковина.
Палестинско-израелскиот судир датира од 1917 година, кога Владата на Велика Британија, во денес позната како Балфурската декларација повика на формирање национален дом за еврејскиот народ во Палестина.
Според Палестинскиот завод за статистика, Накба резултира со раселување на речиси 800.000 Палестинци од 1,4 милиони кои живееја во историска Палестина во 1948 година во 1.300 села и градови.