Ekip
25 Јуни 2019•Ажурирај: 25 Јуни 2019
РАМАЛА (АА) - Палестинците денес организираа неколку собири низ окупираниот Западен Брег, во знак на протест против конференцијата во Бахреин предводена од САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Дводневниот настан ќе биде отворен денес во бахреинскиот главен град, Манама, за време на кој од официјалните претставници на САД се очекува да го откријат економскиот дел од нивниот блискоисточен мировен план познат како „Договор на векот“.
Демонстрантите се собраа во градот Хеброн во јужниот дел на Западниот Брег, мавтајќи со транспаренти со кои ја критикуваат конференцијата и учеството на арапските делегати на таквиот настан.
Слични собири беа одржани и во градовите Витлеем, Џенин, Наблус, Тулкарм, Салфит, Калкилија и Јерихон.
Во Појасот Газа, Палестинците организираа генерален штрајк во знак на протест поради конференцијата.
„Каков било план кој вклучува ликвидација на палестинската кауза... е одбиен од страна на Палестинците и не е за дискутирање или преговарање“, изјави Саеб Ерекат, генералниот секретар на Извршниот комитет на покровителската Палестинска организација за ослободување (PLO).
„Нашето право на самоопределување, слобода и независност треба да се почитува преку спроведување на резолуциите на ОН и меѓународното право. Ова е единствениот начин за мир и просперитет“, рече тој.
Неколку арапски земји ќе учествуваат на конференцијата, влучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
Минатата недела, од Белата куќа повикаа на инвестиција од 50 милијарди долари за Палестина и соседните арапски земји како дел од планот, кој повикува на зголемени проекти за инфраструктурата меѓу Појасот Газа и Западниот Брег, со дадена цел да се „овласти“ палестинскиот народ.
„Договорот на векот“ треба допрва да биде откриен целосно. Сепак, врз основа на протекувањето на информации во медиумите, предвидува големи отстапки на Израел во врска со статусот на Ерусалим и правото на палестинските бегалци да се вратат во своите домови во историската Палестина.
Ерусалим останува во сржта на израелско-палестинскиот конфликт, а Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим (Кудс), кој моментално е под окупација на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.
Палестинската управа со седиште во Рамала соопшти дека нема да присуствува на конференцијата во Бахреин и дека ја отфрлиле улогата на САД во процесот на посредување, уште од контроверзното признавање на Ерусалим како главен град на Израел во 2017 година од страна на американскиот претседател, Доналд Трамп.