Fatma Zehra Solmaz
06 Февруари 2025•Ажурирај: 06 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Панама ги демантираше тврдењата на САД дека се согласила да ги ослободи од такси бродовите на американската Влада што го користат Панамскиот Канал. Оваа изјава доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да ја истакнува својата заложба за враќање на каналот под американска контрола, јавува Анадолу.
„Американските владини пловила сега можат да го користат Панамскиот Канал без надоместок, што ќе ѝ заштеди милиони долари годишно на американската Влада“, објави Стејт депарментот на платформата X вчера, изјавувајќи го ова со фотографија на морнарички брод што влегува во каналот.
Каналската управа на Панама, која ги одредува таксите за транзит, во официјално соопштение на X изјави дека „нема направено никакви промени“.
Тие, исто така, нагласија дека се подготвени да „воспостават дијалог со американските власти“.
Според изјава од Амбасадата на Панама во Куба, објавена од Си-ен-ен, САД во изминатите 26 години платиле вкупно 25,4 милиони долари за транзит на воени бродови и подморници, што во просек изнесува помалку од еден милион долари годишно.
- Панама ја прекинува соработката со Кина -
Панамскиот Канал повторно се најде во центарот на вниманието на администрацијата на Трамп откако тој ја обвини Панама дека наметнува „претерано високи такси“ за пристап до овој трговски пат, кој е еден од најфреквентните во светот.
Во своето инаугуративно обраќање на 20 јануари Трамп го осуди предавањето на контролата врз каналот, нарекувајќи го „глупава одлука“ од страна на САД. Тој изјави дека САД потрошиле повеќе пари од кога било на овој проект, при што загинале 38.000 луѓе за време на изградбата на каналот.
„САД беа третирани многу лошо“, рече Трамп, додавајќи дека „ветувањето на Панама кон нив е прекршено“.
Според договорот од 1977 година, контролата врз каналот ѝ беше пренесена на Панама, со тоа што САД имаат право да интервенираат во случај неговото функционирање да биде загрозено од внатрешни или надворешни фактори.
Во неделата Трамп ја потврди својата заложба да го „врати“ каналот, велејќи дека САД ќе преземат „моќни“ чекори против, како што рече, растечкото влијание на Кина.
Тој за новинарите изјави : „Кина го контролира Панамскиот Канал“ и рече дека Панама го „прекршила договорот“.
Во вторникот, државниот секретар Марко Рубио, за време на својата прва официјална посета во странство, се сретна со претседателот на Панама, Раул Мулино.
Тој најави дека Панама нема да го обнови меморандумот за соработка со кинеската иницијатива „Појас и пат“ од 2017 година, стратегија за глобална инфраструктура што ја проширува економската моќ на Пекинг преку големи проекти. Мулино, исто така, предложи дека договорот би можел да биде раскинат порано од планираното.
Претседателот на Панама ја изрази и својата намера за зајакнување на односите со САД, нагласувајќи дека посетата на Рубио „ја отвора вратата за градење нови односи“ и зголемување на американските инвестиции во Панама.