Emre Gürkan Abay
25 Февруари 2021•Ажурирај: 26 Февруари 2021
ЕРЕВАН
Ерменскиот премиер Никола Пашинјан, шетајќи со своите приврзаници во Ереван, ги критикуваше армиските претставници кои повикаа на негова оставка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пашинјан, по повикот на ерменската Армија да си даде оставка, во близина на зградата на Владата во главниот град Ереван се состана со неговите приврзаници.
Во своето обраќање пред приврзаниците, Пашинјан, критикувајќи ја војската, рече: „Армијата е поврзана со народот и со премиерот. Во Ерменија има тешка ситуација, но треба да се согласиме за да нема конфликти.“
Наведувајќи дека е подготвен да разговара за ситуацијата во Ерменија со сите страни, Пашинјан рече:
„Внатре во Ерменија нема непријатели. Сегашната ситуација е под контрола и мислам дека изјавите дадени од Армијата се само една емотивна реакција.“
Пашинјан истакна дека армиските раководители што ги отпуштил, за него сѐ уште претставуваат „браќа“, по што рече: „Ниту јас ниту пак моето семејство не планираме да ја напуштиме Ерменија.“
Пашинјан и неговите приврзаници продолжуваат да шетаат по улиците на Ереван. Тој со мегафон одвреме-навреме им се заблагодарува на своите приврзаници.